Катна гаража во Охрид ќе се гради 30 месеци

Охрид конечно ќе ја добие првата и долго најавувана катна гаража вредна 1,73 милиони евра но за две ипол години отсега, бидејќи според проектот крајниот рок за довршување е за 30 месеци.

Според техничката спецификација, станува збор за објект наменет за паркирање автомобили, лесни доставни возила и велосипеди, со армирано-бетонска конструкција, рамен кров и катна висина од околу три метри кој ќе се гради во состав на Градскиот пазар. Граѓаните се со поделени мислења.Велат во ера на брза градба, две и пол години за катна гаража е исклучително долг период.

За овој проект Општината аплицираше на вториот повик на Владата за добивање на финансиски средства за инфраструктурни проекти.

Очекувањата се дека со изградбата на катна гаража ќе се решат долгогодишните проблеми во сообраќајниот метеж, ќе се подобри квалитетот на живот на охриѓани, а ќе има придонес и во туристичката понуда на градот.

Моментално, градот располага со 600 слободни паркинг места, додека во летниот период се обезбедуваат дополнителни 200-300 слободни кои во шпицот на сезоната не се доволни.

Уште од деведесеттите години, секоја локална власт во Охрид ја вклучуваше катната гаража како врвен приоритет во своите програми. Најчесто споменуваната локација отсекогаш била просторот кај Градскиот пазар, кој во летните месеци е критична точка за сообраќајниот метеж.Низ годините, главната пречка за локацијата кај пазарот (која е во заштитеното јадро) беше висината на објектот, за да не се наруши визуелната линија на стариот дел од градот, што е под строг мониторинг на УНЕСКО.