Катица Јанева претпладне на работа кај синот, попладне во затворот Идризово

Иако се уште издржува затворска казна, екс шефицата на СЈО Катица Јанева работи во адвокатска канцеларија во Скопје. Управата за издржување санкции и дозволила да биде работно ангажирана во адвокатската фирма на нејзиниот син.

Таа наутро го напушта Идризово, а попладне се враќа во келија. Оваа можност ја користи од 27 јануари, откако и останаа за издржување уште околу две и пол, од вкупно седум години затвор, колку што доби за случајот Рекет. Информацијата за ТВ24 ја потврди нејзиниот син Лазар Јанев. Вели дека му е убаво што мајка му е секој ден покрај него.

Директорот на Управата за санкции Јовица Стојановиќ за ТВ24 не сакаше да зборува за конкретни затвореници и кажа дека околу 100 осудени лица во моментов ја користат ваквата можност.

Катица Јанева беше осудена за злоупотреба на службената положба, заедно со Бојан Јовановски попознат како Боки 13. Уапсени беа во август 2019 година. Иако доби две години повеќе од неа, во декември лани, поради сериозно нарушеното здравје, Боки 13 излезе од затвор. Барањето за помилување на Јанева лани претседателот Пендаровски го одби. Катица Јанева беше избрана за шефица на новоформираното Специјално јавно обвинителство во 2015 година.

На таа функција дојде како обвинител во Гевгелиското јавно обвинителство. Нејзиното СЈО беше надеж дека ќе се расчистат криминалите на владата на Никола Груевски, презентирани во прислушкуваните разговори. Наместо тоа, со нејзините постапки, Јанева придонесе СЈО да се укине, а предметите да се водат во редовна постапка.