Катастрофа за Македонија во Египет - „Фараоните“ ги понижија избраниците на Брестовац, 38-19
Foto

Катастрофа за Македонија во Египет - „Фараоните“ ги понижија избраниците на Брестовац, 38-19

Македонската ракометна репрезентација го претрпе и вториот убедлив пораз на Светското првенство, откако вечерва загуби од домаќинот Египет со 38:19 (20:6) во натпревар од второто коло во групата Г.

По завчерашниот пораз од Шведска со 32:20, македонската репрезентација повторно одигра катастрофален натпревар во кој одбрана беше порозна, а ракометарите направија  безброј технички грешки уште од самиот почеток на мечот.

По тајмаутот на селекторот Данило Брестовац при 10-3 неговите избраници врзаа серија од три голови за 10:6 во 16. минута и тука целосно застанаа. Уследи исклучување и црвен картон за Филип Кузмановски, а Египет до крајот на полувремето возврати со серија од 10:0.

Без резултатска неизвесност во продолжението, Брестовац ги остави на клупата капитенот Кирил Лазаров и Стојанче Стоилов, давајќи им поголема минутажа на помладите во репрезентацијата, во која во Египет донесе седуммина дебитанти.

Капитенот Лазаров, Жарко Пешевски и Никола Марковски постигнаа по три голови во македонската репрезентација, а голманот Мартин Томовски запиша седум интервенции.

Натпреварот од последното коло во групата Г македонските ракометари ќе го одиграат в понеделник од 15:30 часот против репрезентација на Чиле, која вечерва игра против Шведска.

0 Коментари

Остави коментари