Каселакис: Мицотакис да се изјасни дали Договорот од Преспа е корисен или штетен за Грција

„Протоколите се позитивни за Грција и од геополитички причини и од економски-развојни причини и добро е да се ратификуваат“, истакна Каселакис.

Претседателот на главната грчка опозициска партија истакна дека прашањето е зошто актуелната Влада чекаше толку години за ратификација и посочи дека тие нема да го решат „проблемот што го создаде Нова демократија“.

Истакна дека предизборно, во 2019 година Нова демократија беше против Договорот, а сега не кажува јасно дали е корисен или штетен за Грција.

„Сега испраќа збунувачка порака и не разбираме дали е ‘за’ или ‘против’ договорот. Еден договор, особено со таков углед и опсег, или е корисен или е штетен за нашата земја. Не може да биде нешто на средина“, посочи Каселакис.

Паралелно потенцираше дека „ако е корисен за земјата нека го каже тоа премиерот“.

„Премиерот не ја кажува вистината за овој Договор. Сигурен сум дека самиот е многу среќен што овој договор беше постигнат пред тој да ја презеде власта“, порача Каселакис.