Касами ќе бара подршка од општинските советници за формирање на “Албанската академија на науки”

Поддршката на албанска академија, според градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, е обврска која веќе ја презеле, посочувајќи дека пред да се впуштат во таквата идеја веќе ги пресметале сите заможности за реализација на академијата со која се сака да се постигне пандан на МАНУ.

Касами и понатаму верува дека во Советот на општината идејата ќе биде поддржана. 

Додека Касами е цврст на ставот за Академијата, Владата во која е и коалиционен партнер веќе му кажа НЕ на обидот за формирање на пандан на МАНУ. Претходно, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ се изјаснија дека обидите за формирање на албанска академија ќе наиде на блокада,од   ДУИ пак не ја поддржуваат таквата идеја. 

Претходно, претседателството на МАНУ, преку соопштение се огласи, посочувајќи дека не постојат примери за формирање на паралелни национални академии. 

„ МАНУ секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа.“ - се наведува во соопштението на Претседателството на МАНУ од месец јули годинава. 

Претседателството на МАНУ укажа и на тоа дека МАНУ никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, односно со работи кои спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и на државните институции. 

Министерот за локална замоуправа, Златко перински изјави дека законот не дозволува општините да ја финансираат идејата за пандан на МАНУ, повикувајќи се на Член 11 од Законот за локална смаоуправа.