Кардиологот Сашко Николов ја презема функцијата градоначалник на Штип
Сашко Николов од денес е прв човек на Штип. Општината ќе ја води до наредните локални избори што ќе се случат во октомври догодина. Утре го има првиот состанок со директорите на комуналните претпријатија и раководителите на институциите под општинска капа.
Вели ќе наметне ново поинтензивно темпо на работа. Засега не најавува смени, но дава рок од најмногу два месеци на сите да се прилагодат на неговиот начин на работа.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ денес не дојдоа да му честитаат на новиот градоначалник, но тој смета дека со сите ќе има конструктривна соработка. Николов ќе наследи финаснсиски стабилна општина, но поради Ковид пандемијата и попразна општинска каса.
Поради краткиот рок, токму одбраната на буџетот за догодина пред општинските советници ќе му биде една од првите активности.
Од клучните капитални проекти на новиот градоначалник што ги ветуваше и ќе треба да почне со нивна реализација е браната и изградбата на пешачки конзоли на река Отиња што треба да се реализираат со пари од Министерството за транспорт и врски, што сега го води неговиот претходник Благој Бочварски.