Каракачанов: Бугарија нема да прави отстапки

По најавата за вето од шефицата на бугарската дипломатија, потврда за ставот на владата во Софија стигна и од министерот за одбрана, Красимир Каракачанов. Никој во Бугарија нема да направи отстапки, а Македонија не треба да очекува дека државата ќе попушти под меѓународен притисок, порача Каракачанов.

Според него, Бугарија била првата држава која ја призна Република Македонија како независна држава, но прашањето е дали земјата сака да биде член на ЕУ. 

„Уште кога го потпишаа договорот со Грција ги предупредивме. Со ваква политика, не можеме да ви дозволиме влез во Европската Унија. Проблемот со историјата мораме да го решиме. Не може во вашите учебници по историја да пишува дека Бугарите се „Турско-Татарско племе“. Дека Бугарите се фашисти и окупатори. Национален празник да ви биде 11. Октомври, Ден на востанието против Бугарскиот окупатор. Не може да ми кажувате дека Цар Самуил бил македонски цар. Дека Кирил и Методиј и Климент Охридски биле Македонци. Дека азбуката била македонска“ - вели Каракачанов.

Од македонската Влада велат дека јазикот и идентитетот се факти потврдени од Обединетите Нации и дека за ова не смее да постои дилема. Велат дека заедничката историја која е потврдена во Договорот за доброседство, пријателство и соработка треба да се искористи за да се најде решение.

„Во рамките на постојниот Договор, Владата е подготвена да прифати појаснување на одредени загрижености коишто постојат во Софија и сметаме дека на таков начин, гледајќи низ позитивна призма, Република Северна Македонија ќе ја оствари целта - до крајот на годината да ги почне преговорите за членство со Европската Унија“ - велат од Владата.

За дел од странските експерти пак најавата за блокада на Бугарија го нарушува кредибилитетот на Европската Унија на Балканот.

„Замислете Германија да инсистира `Австрија да ги признае германските корени`, заканувајќи се со `тензии` ако не го направи тоа. Шведска да ѝ го прави тоа на Норвешка. Чесите ова да им го кажат на Словаците. Апсурдно? Да!“ - вели директорот на европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнас.

Во интервју за „Ројтерс“, шефицата на бугарската дипломатија порача дека Софија ќе даде поддршка на официјалниот почеток на разговорите со Европската Унија само доколку Скопје признае дека неговиот идентитет и јазик имаат бугарски корени, со што ќе се стави крај на какво било тврдење дека има „македонско“ малцинство во Бугарија.