Канадска „Магна“ ги удри темелите на новата инвестиција во технолошко-индустриската развојна зона во Штип
20 проценти повисоки плати од државниот просек и нови 600 работни места ќе бидат отворени за околу една година со новата инвестиција на канадската компанија „Магна“, која по отворањето на фабриката во Струга, денеска и официјално го означи почетокот на својата втора инвестиција во Технолошко индустриската развојна зона во Штип.
Инвестицијата е во вредност од 40 милиони евра.
Меѓутоа работодавачите од регионот не се воодушевени од оваа инвестиција која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, односно домашните стопанственици стравуваат дека странската фабрика ќе им ги земе и оние малку работници со кои кубурат во моментов и ќе предизвика влошување на и така лошата состојба во нашите фондови и недостигот на работна сила.
Инаку, работодавачите во државата подолго време реагираат дека не се против странски инвестиции во земјава, но бараат рамноправни бизнис услови, како за домашните така и за сите оние инвеститори кои Македонија ја гледаат како потенцијално подрачје за поволна бизнис клима.