Кампања за поголема јавна свест и охрабрување на децата да побараат помош за сексуално насилство врз нив, пријавени се 508 случаи

Зголемување на јавната свест, охрабрување на децата да проговорат и обезбедување знаења и алатки за превенција и заштита за возрасните, е целта на Националната кампања „1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца“, чие спроведување почна денеска во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската унија.

Според податоци од Министерството за внатрешни работи, кои беа споделени на промовирањето на кампањата, меѓу 2020 и 2024 година во државава биле пријавени 508 случаи на сексуално насилство и вознемирување деца. Кампањата ја спроведува Комисијата за спречување и заштита од дискримација заедно со народниот правобранител и со Бирото за развој на образованието.

Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискримација, Душан Томшиќ рече дека статистиката која стои зад овој наслов е болна и тешка, но таа не смее да остане само бројка. Посочи дека зад секое едно дете, стои дете со име, презиме, со семејство, надежи и доверба во возрасните.  Нашата должност како институции, како општество, појасни Томшиќ, е да направиме се таа доверба никогаш да не биде повредена.

- Сексуалното насилство врз деца е една од најтешките прекршувања на човековите права. Таа остава последици кои траат целиот живот. Затоа превенцијата не е само препорака, таа е и обврска, обврска да создаваме безбедни средини, да ги охрабруваме возрасните да препознаат знак на опасност и пред се да ги охрабриме сите деца да зборуваат, да побараат помош и да знаат дека тие немаат вина. Затоа оваа кампања е толку важна. Во рамки на кампањата се направени промотивни видеа, материјали и постери кои ќе бидат дистрибуирани во сите основни и средни училишта, во градинките каде наставниот кадар ќе може да го подигне нивото на знаење кај децата и стручните служби, но пред се кај родителите, рече Томшиќ.

Потенцира дека веруваат дека кампањата ќе направи важен чекор кон општество во кое секое дете е безбедно, почитувано и знае дека има институции кои стојат зад него.