Кампања на МНЗА по повод „Светскиот ден на аутизмот“: Градење инклузивно општество за аутистичните луѓе

Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) по повод 2 април  „Светскиот ден на аутизмот“ оваа година повторно се вклучиува во онлајн кампањата на Аутизам Европа која се спроведува под наслов: „Градење инклузивно општество за аутистичните луѓе“.

Кампањата за 2023 година, која се спроведува заедно со членовите на Аутизам Европа, е можност да се размислува за напредокот постигнат досега за заедницата со аутизам и за работата што останува за подобрување на животот на аутистичните лица и нивните семејства, велат од МНЗА.

МНЗА ги повикува националните креатори на политики и другите засегнати страни да обезбедат целосно уживање на правата и потребите на аутистичните лица во Македонија, согласно Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост (UNCRPD). UNCRPD е ратификувана од 45 од вкупно 46 земји-членки на Советот на Европа (СЕ), вклучително и од сите земји-членки на ЕУ и од самата Европска унија во 2010 година. 

МНЗА е национална асоцијација (составена од професионалци) со најдолг стаж веќе 23 години во полето на аутизмологијата во Македонија. Главна цел е да ги унапреди правата на лицата со аутизам и нивните семејства и да им помогне да го подобрат квалитетот на нивниот живот. Обезбедува ефективна врска со други меѓународни организации за аутизам и меѓународни научни и образовни институции.

 

- Следната недела на нашите социјални медиуми Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм ќе бидат споделени многу банери и постери со интересна содржина. Луѓето што сакаат да ја подржат кампањата можат слободно да ги споделуваат овие пораки користејќи го хаштагот #AutismDay2023, - соопштуваат од МНЗА.

Инаку, Светскиот ден на аутизмот беше прогласен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во 2007 година како годишен ден за да се привлече вниманието за итните потреби на лицата со аутизам ширум светот.