Камерниот оркестар на НОБ вечерва настапува на „Охридско лето“

Камерниот оркестар на Националната опера и балет вечер ќе настапи во рамки на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.

Камерниот оркестар на НОБ е формиран во 2010 година и го сочинуваат истакнати музичари и солисти од Оркестарот на Националната опера и балет. Во текот на своето постоење настапувал на повеќе значајни фестивали и концертни сцени во земјата и странство, меѓу кои „Штад Фест Виен“ во Виена, „Скопско лето“, како и концерти во Бугарија и Австрија.

Оркестарот под своето уметничко водство и диригентската палка на повеќе реномирани маестра, меѓу кои Саша Николовски-Ѓумар, Џанлука Мартиненги и Бисера Чадловска, во своите програми често изведува дела од македонски композитори.

На вечерашниот концерт публиката ќе има можност да ги слушне делата „Хризантеми“ од Џакомо Пучини, „Едноставна симфонија“ од Бенџамин Бритн, „Salve Regina“ од Џовани Батиста Перголези, каде како солист ќе настапи сопранот Наде Талевска, како и дела од македонските автори Ристо Аврамовски, Драган Шуплевски и Дамир Имери.

Маестра Бисера Чадловска е една од најистакнатите македонски диригентки. Дипломирала оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирала на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Таа е прв диригент на Националната опера и балет, а настапувала и со повеќе оркестри во регионот и Европа.

Чадловска повеќепати учествувала на „Охридско лето“, а во 2021 година го диригираше и свеченото отворање на фестивалот. Од 2022 до 2024 година беше музички селектор на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација во земјава.