Каква ќе биде соработката меѓу македонската и идната унгарска Влада?
Филипче бара ревизија на договорите со Виктор Орбан – Мицкоски му порача дека СДСМ живее како „Алиса во земјата на чудата“.
Доаѓа време на вистина и одговорност, изјави лидерот на опозицијата Филипче – обвини дека кредитот од Унгарија и другите бизнис договори од областа на телекомуникации и енергетика, се за лични интереси на Мицкоски.
Филипче најави и дека ќе бара целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски и транспарентност за сите одлуки кои се носени во име на граѓаните.
Венко Филипче СДСМ - Доаѓа време за одговорност. Сите овие договори мора да бидат детално истражени. Граѓаните на Македонија мора да знаат кој точно стои зад медиумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата и сите одлуки што се носени во нивно име. СДСМ ќе бара целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски.
Мицкоски му врати дека СДСМ живее како басна – во земјата на лагите и конструкциите. Премиерот потсети на, како што кажа - неточните прогнози на СДСМ , вклучително и тврдењата дека државата ќе банкротира и дека ќе има прилив на мигранти во април. Порача и дека договорот за трет мобилен оператор е јавен.
Христијан Мицкоски премиер : Компанијата ‘Фор-ај-џи’ е партнер со германската ‘Раинметал‘ и со ‘Спејс икс‘ на Елон Маск и веќе уплати 9 милиони евра и го стекна правото да стане трет мобилен оператор. Прашањето е зошто во времето на СДСМ и ДУИ немаше трет оператор и зошто граѓаните плаќаа високи цени за услугите.
Шансите за соработка со новиот иден унгарски премиер Петер Маѓар се големи – граѓаните на Унгарија очекуваат откривање на сите скриени договори на официјална Будимпешта, порача Андраш Фолдеш унгарски новинар, во интервју за ТВ 24.
Според Фолдеш, иако фокусот на кампањата на Маѓар била дека новата власт ќе оди против тн. Длабока држава и криминалот, не се очекува приоритет да биде прашањето за конекциите со официјално Скопје.
Андраш Фолдеш новинар Унгарија – Очекуваме дека тој ќе ги објави сите овие тајни документи, кои на пример, беа пишувани помеѓу унгарската и македонската влада. Но има , толку многу работи да се направат во Унгарија во моментот, толку многу нешта да се променат, што не знам колкав ќе биде временскиот период за ова. Така што очекувам, дека тој нема да ја започне својата работа со ова прашање.
Во 2024та, веднаш по доаѓање на новата власт на Мицкоски, владата склучи договор со официјална Будимпешта за кредит од милијарда евра со образложение дека средствата ќе се користат за поддршка на буџетот и економски проекти. Од опозицијата тогаш реагираа остро - обвинувајќи дека договорот е нетранспарентен и дека ја зголемува задолженоста на државата под неповолни услови.

