Како владината мерка ја коментираат земјоделците?

Огромен пад на цените на земјоделските производи на кванташките пазари во Струмица е забележан денеска, откако Владата ги намали царинските давачки за овошје и заленчук од 65 на 10 проценти.

Земјоделците од овој крај потврдуваат дека цените на некои производи се драстично намалени, но не знаат дали ова е резултат на владината одлука. Сепак, ако таа вака влијае на цените, тоа ќе значи голем удар за производителите, вели земјоделецот од Струмица Ристо Велков. Тој смета дека на краток рок, кајмакот ќе го соберат прекупците, но на подолг, ќе загубат сите, оти на земјоделците производството ќе им биде неисплатливо и ќе го баталат.

Од друга страна, дел од земјоделците велат дека секое поевтинување е за поздравување, но ако тоа влијае на производителите, ќе побараат дополнителна помош од Владата. Петар Стојковски од Асоцијацијата на земјоделци Владата ја гледа како партнер на земјоделците и секој нејзин потег треба паралелно да биде насочен и кон купувачите, но и кон производителите.

Откако цените на земјоделските производи во последно време драстично скокнаа, Владата реагираше со намалување на увозните давачки. Идејата е да се создаде конкуренција во корист на купувачите, но и да се намали манипулацијата со цените, која според министерот за економија Бектеши, ја правеле препродавачите.