Како реагираат компаниите на најавите за намалување на каматите на долговите на граѓаните и на рокот на застареност?
Поделени се мислењата кај бизнисмените околу измените кои власта ги предлага, а со кои каматата на долгот не смее да ја надмине главнината. Според едни, каматата не е социјална категорија и неа ја пропишува Народната банка.
Слично размислува и поранешниот прв човек на комората на Северозападна Македонија Неби Хоџа. Според него, каматата е еден вид казна за неплаќачите.
Пратеници од владејачката коалиција поднесоа предлог измени на Законот за облигациони односи и за извршување, кои по скратена постапка веќе се во собраниска процедура. Според нив, ако извршителите не ги наплатат долговите од граѓаните и фирмите за 10 години, потоа ќе немаат право на тоа.
Се скратува и рокот за застареност од 10 на 5 години, а се предлага овие измени да важат ретроактивно, односно и за оние должнички постапки кои се во тек. Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија, вели дека принципиелно, никогаш нема да поддржат закони кои делуваат ретроактивно, но смета дека ограничувањето на каматите е добро за бизнисот.
Вчера партијата Левица ги поддржа предложените измени поднесени од власта. Иако се обидовме, до почетокот на овие вести не успеавме да добиеме став од ВМРО ДПМНЕ за тоа како нивните пратеници ќе гласаат за предложените измени. Адвокати и извршители со кои ТВ24 разговараше вчера, измените ги оценија како неуставни и неправични, кои личеле на гол популизам пред избори.