Како Македонија чекореше по меѓународните патишта
35 години македонска независност, три ипол децении дипломатски битки, вета, компромиси и услови – од членство во ОН и НАТО до блокираниот европски пат.
Секој дипломатски пробив имаше своја цена – Македонија во првите чекори како независна држава научи дека во меѓународната политика не е доволно само да имаш адреса – треба да имаш и место на масата. Македонскиот пат се покажа како лавиринт во кој принципите и правилата неретко отстапуваат пред интересите, а најважните страници се пишуваа под услов.
Во ОН Македонија влезе во 1993 година, но под привремена референца – „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Наместо име, доби формула. Членството во Советот на Европа и ОБСЕ потоа го зацврсти нејзиното присуство во мултилатералниот систем, но спорот со Грција не исчезна .
Во 1995 година, Времената спогодба постави правила за односите меѓу двете земји – но не стави точка на спорот. Тоа што изгледаше како дипломатски проблем што може да се надмине со време -. Букурешт 2008-ма го покажа спротивното. Грчко вето ја запре поканата за членство во НАТО. Алијансата ја остави вратата отворена, но со еден услов – заемно прифатливо решение за името.
Од дипломатските сали, барањето правда стигна до Хаг. Меѓународниот суд на правдата во 2011 година пресуди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со блокадата на приемот на Македонија во НАТО. Пресудата ја потврди правната победа – но не ја отстрани политичката блокада.
Тоа се случи дури со Преспанскиот договор, а цената беше промена на уставното име.
Една деценија по букурешкото вето - Нивици, 17 јуни 2018-та. Никола Димитров и Никос Коѕијас ставија потпис на Преспанскиот договор, во присуство на премиерите Заев и Ципрас, посредникот на ОН Метју Нимиц и тогашниот европскиот врв – Федерика Могерини и Јоханес Хан. Компромисот со Грција беше претставен како историски пробив: промена на името во замена за деблокада на евроатлантскиот пат. Македонија, сега Северна Македонија стана 30та членка на НАТО, но на патот кон ЕУ земјата доби нова блокада, овојпат од Бугарија.
И покарај тоа што - уште од првите години на независноста, евроинтеграцијата беше поставена како една од стратешките цели на државата, Македонија доби кандидатски статус во 2005та, стана Северна Македонија, но се уште стои пред блокираната европска врата.
Во 2020 година официјална Софија го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка . Во јули 2022-ра, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа Вториот протокол кон Договорот за добрососедство. Во Брисел стартуваше првата политичка меѓувладина конференција со ЕУ – но за отворање на кластерите потребно е Макеодија да ги внесе Бугарите во уставот.
35 години независност покажаа дека во дипломатијата вистинскиот тест не е само постигнатиот компромис, туку и неговата политичка тежина – дали со него се затвора едно прашање, или само се отвора простор за следното.

