Како ќе се трошат државните пари до крајот на годината?
Како ќе се прераспределат парите во државната каса? Владата веќе ги почна консултациите со министерствата за подготовка на ребалансот на Буџетот за 2026 година, во услови на економска неизвесност и глобални геополитички тензии. Министерството за финансии уверува дека приоритет ќе бидат капиталните инвестиции, исплатата на платите и пензиите, како и мерките за заштита на животниот стандард на граѓаните. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пристапот ќе биде внимателен, со фокус на реално остварливи проекти и одржување на фискалната стабилност.
„Нашата цел е преку внимателно планирање, координација и одговорен пристап да креираме ребаланс кој ќе обезбеди финансиска стабилност, поддршка на развојните политики и реализација на проекти што се важни за граѓаните и економијата. Продолжуваме со интензивна работа и конструктивен дијалог со сите институции, со фокус на ефикасно управување со јавните финансии, поддршка на економскиот раст и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.“
Во меѓувреме, Владата планира ново задолжување. Денеска Собранието ја изгласа потребата од нов долг од 260 милиони евра, а законот за задолжувањето утре ќе се најде пред пратениците. Од Министерството за финансии велат дека овие пари ќе се користи за покривање на општи буџетски потреби, финансирање капитални расходи и рефинансирање на постојните државни долгови, при што уверуваат дека јавниот долг останува под контрола и дека државата нема да отстапи од целта за постепена фискална консолидација. Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера обвини дека власта со новите задолжувања ја продлабочува финансиската зависност на државата и предупреди дека граѓаните ќе ги чувствуваат последиците преку повисок јавен долг и поголем товар врз буџетот. Од СДСМ тврдат дека Владата нема јасен план за тоа како ќе се трошат новите средства и бараат поголема транспарентност околу ребалансот и новите кредити. Во анализите на економските познавачи веќе се отвора прашањето дали ребалансот покажува дека во буџетот недостигаат средства за исполнување на првичните проекции. Се предупредува дека државата ќе мора внимателно да балансира меѓу новите задолжувања, буџетскиот дефицит и ветувањата за економски раст. Дополнителен предизвик, според критичарите, ќе биде одржувањето на фискалната стабилност во услови на растечки трошоци и неизвесна меѓународна економска состојба.

