Како до уставни измени, што ќе значи проширеното парламентарно мнозинство
Уставни измени нема да има, бидејќи парламентот во овој состав нема да работи под бугарски диктат, порача лидерот на опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања.
Според него, никој не смее да да дозволи нови национални отстапки, на сметка на ветувања, од кои, како што истакна Мицкоски, граѓаните досега не добиле ништо Во врска пак со евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во Владата, Мицкоски не гледа реална причина и потреба за влез на оваа партија во владиното мнозинство.
Токму во врска со евентуалниот влез на Алијанса за албанците во Владата, во интервју за 360 степени зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски, кој истакна оти за некоја партија да влезе во владата треба да се случи програмско и кадровско усогласување на политичките партии, што вели до овој момент не е случај, но истакна дека со евентуален влез на Алијанса, владата ќе добие уште една партија која ја поддржува европската агенда.
Алијанса за Албанците вчера го формираше тимот кој во наредниот период ќе преговара за евентуален влез во Владата. Партискиот лидер Арбен Таравари порача дека неговата партија е навикната во опозиција, но ќе се обидат да влезат во владата, со цел да се добие потребниот број на пратеници за да се изгласаат уставните измени во собранието.