Како да се зголеми бројот на матични амбуланти во руралните подрачја - ФЗОМ ги рагледува предлозите и најавува нов правилник

Државата треба да размислува за промена на системот на финансирање во примарното здравство – сметаат дел од лекарите. 

Откако Фондот излезе со податоци дека Македонија се соочува со недостиг од матични лекари во руралните подрачја, од Здружението на лекари по општа и семејна медицина велат потребна е целосна промена на системот, предупредувајќи дека недостигот станува сериозен проблем не само во помалите, туку и во поголемите градови во земјава. 

Според д-р Ѓорѓиевски постојниот начин на пресметка и распределба на средствата не ги следи реалните потреби на ординациите.

Д-р Драган Ѓорѓиевски – Претседател на Здружение на лекари по општа и семејна медицина

„Зависноста во финансирањето од број на пациенти постои само во Македонија од вкупно 30 европски земји. Ниту една земја не ги деградира лекарите во примарното здравство како кај нас. Мора да постои некој загарантиран буџет за исплаќање плати и тоа мора да го сфатат дека е итно потребно. Тогаш ќе мотивираат и во село и во помали и во поголеми градови да се отвораат амбуланти, вака ние само ќе имаме затворање на ординации од пензионирање на лекари и затворање на ординации кои не можат да соберат бројка на пациенти. Значи плата на лекар и специјалист по семејна медицина да е 26.000 денари е трагично и моделов јас ќе го наречам „тепачка за пациенти“ постои само во Македонија, Хрватска го имала, но го напуштила, мора да има некои промени“....

Освен тоа Д-р Ѓорѓиевски вели дека веќе конечно здравството треба да се дигитализира – хартиените да се заменат со електронски упати што ќе ја олесни процедурата не само за лекарите туку и за пациентите.

Д-р Драган Ѓорѓиевски – Претседател на Здружение на лекари по општа и семејна медицина 

„До Министерството за здравство исто така апелираме малку побрзо со законските измени и решенија, несфатливо е веќе пишување во картони, принтање на упати и принтање на рецепти... Зошто пациентот по ова студено време да доаѓа и да се меша со други болни за лабораториска анализа, а тоа може да се направи електронски и ние тоа го зборуваме со години наназад. Прво што се финансиски трошоци, за принтери, тонери...Значи непотребно се трошат некои работи во системот“... 

Фондот за здравствено осигурување веќе ги разгледува сите предлози за надминување на актуелните состојби во примарната здравствена заштита. 

ФЗОМ

- Посебната комисија на Фондот веќе ги разгледува пристигнатите предлози, и доколку истите бидат издржани и усогласени со законската регулатива, ќе се пристапи кон нивно инкорпорирање во новиот Правилник. 

За утре најавен е и брифинг со директорот на Фондот на кој меѓудругото ќе информира и за капитацискиот модел.