Како да превенира државата против нов ценовен шок?!
Владата да преземе мерки ако растот на цените на нафтата продолжи, предупредуваат економистите. Цените на горивата веќе се зголемија, а кризата на Блискиот исток дополнително ги турка нагоре. Ако не се реагира навреме, растот на трошоците ќе ги погоди домаќинствата и компаниите.
Професорот по економија Борче Треновски не очекува драстично зголемување на цените на нафтата. Во спротивно, Владата мора брзо да реагира.
Земјава е енергетски увозно зависна, па секоја криза силно ја погодува економијата. Треновски вели дека Владата мора да почне да расмислува на мерки кои ќе ја сменат таквата состојба.
Во последните два месеци цената на дизелот во земјава порасна за 10%, а бензините за 5%. Поради ескалацијата на конфликтот помеѓу Израел и САД од една страна и Иран од друга, светските берзи паднаа, а цените на енергенсите пораснаа. Тоа пак ќе ја зголеми инфлацијата, ќе го забави економскиот раст и ќе ја наруши глобалната трговија.
Граѓаните стравуваат од поскапување на струјата и гасот. Регулаторната комисија засега уверува дека цената на струјата ќе остане иста, но дека одлуката за парното ќе се донесе кон крајот на јули. Неофицијално, топланите бараат покачување од околу 30% поради зголемените трошоци за производство.