Кадровски промени, реформи, повик за излез од партиската криза

СДСМ не смее да го игнорира ниту да го заборави поразот. Ова го порача пратеничката Славјанка Петровска во интервју за Радио Слободна Европа. Според неа, партијата се соочува со најголемиот пораз во историјата на постоењето на СДСМ – состојба, за која вели дека не треба да се остава на случајност. Порача дека Филипче има сериозна задача и предизвик – да најде излез од ситуацијата. На прашање дали Венко Филипче треба да остане претседател на СДСМ, Петровска порача дека функционирањето на партијата не го врзува само со една личност и изјави дека и отсуството на дебата за претходните изборни резултати придонела за сегашниот пораз. 

Славјанка Петровска пратеничка -Заради никакви причини не смееме ниту да го игнорираме ниту, пак, да се обидеме времето да го заборави. Tоа ќе биде повторно најлошо нешто што може да му се случи на СДСМ… Кои се причините конкретно, веќе во партијата се започнати процеси на консултации или дискусии помеѓу разни групи, пратеничка група, градоначалници, кандидати и така натаму, раководство верувам, за да се искаже мислењето, ставот на секој еден од нас поединечно за тоа кои беа причините за овој пораз.

А еден од поранешните видни членови на СДСМ, екс генерален секретар и градоначалник -  Андреј Петров, во телевизиско интервју, оцени дека СДСМ мора да учи од грешките и преку отворена дебата и обединување на членството да се врати на старите патеки, преку кои, како што посочи, со години излегувале квалитетни кадри. Петров порача дека СДСМ мора јасно да покаже дека не работи во интерес на власта и дека ВМРО-ДПМНЕ не ги остварува интересите преку СДСМ.

-Претседателот е прв одговорен во поразите, а во победите заслугата е колективна. Сум бил сведок на повеќе оставки на претседатели на партијата, мачни биле. Брзи одлуки не се потребни, треба да се преспие па потоа со ладна глава да се направи една длабинска анализа. Ние имавме дискусии по шест, по седум, осум саати сме останувале на дебати на одборите. Потребни му се на СДСМ квалитетни луѓе внатре. Раководството мора да расчисти со тоа мора да ја разбие тезата дека одработува за ВМРО – ДПМНЕ, изјави Андреј Петров

Внатрепартиските реконструкции во СДСМ изминатиот период се под лупата на јавноста, а деновиве имаше и лични препукувања и прозивки на социјалните мрежи за тоа дали и кој прави внатрепартиски струи, меѓу екс претседателот на државата Стево Пендаровски и универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски.

Партијата пред три дена, на извршен одбор избра нов потпретседател - Александар Трајановски, кој на овие локални избори беше кандидат за градоначалник на Аеродром, но трката ја изгуби од сега веќе актуелниот градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ Дејан Митевски.

Трајановски седна на столчето на Ана Чупевска, која пак си поднесе оставка, а неотповиклива оставка по изборите поднесе и претседателот на градската организација на СДСМ Ѓорѓи Галетановски