Кацарска: За солидарниот данок има повеќе инцијативи, уставна обврска е да се плаќа

Платете си го солидарниот данок – не ја чекајте нашата одлука, законот е на сила и секој има обврска да си го почитува, вели претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска. Посочи дека за Законот за солидарен данок има повеќе иницијативи пред Уставниот суд и тие се работат. Кацарска вели дека не е оптимист дека иницијативите ќе се најдат на седница пред уставните судии до крајот на годината. 

„Тоа е и уставна должност на секој граѓанин. Тие треба да го платат овој данок, доколку Уставниот суд одлучи поинаку, тогаш ќе дискутираме кои се следните чекори на тие фирми. И битно е дали, при поведувањето на постапка дали Уставниот суд би го укинал тој закон или би го поништил, така да има разлика, не би можела да ви кажам што би се случувало, додека судот не се произнесе конечно“ -  вели претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска информира дека уште 18 даночни обврзници не платиле солидарен данок, и дека вкупниот долг по основ данок на солидарност изнесува нешто над 10 милиони евра.  

„ Со сотојба 22.11.2023 година, уште 18 даночни обврзници не ја подмириле обврската по основ на солидарен данок. Од нив еден даночен обврзник има извршено делумна уплата. Од страна на УЈП доставени се опомени, а рокот по истите истекува на 24.11.2024 година кога се планирани следни дејствија на присилна наплата. Истовремено информираме дека се поднесени 5 барања за одложено плаќање.“ - вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска. 

ТВ 24 претходно побара став и од компанијата Макстил од каде рекоа дека очекуваат како што тие ги почитувале роковите и правилата, така и државата да постапи. 

„Ние би сакале онака како што ние се однесувавме, ги почитувавме сите закопнски подредби ги испочитувавме сите рокови, плативме најуредно, ги почитуваме законите и истото би го очекувале од страна на државата. Односно да ги следи одлуките кои би се донеле од Уставен суд.“ - вели Марија Дуковска Павловска генерален директор на Макстил.

Правните експерти кои ги контактираше ТВ 24 велат дека доколку Уставен донесе одлука во корист на бизнисот, односно донесе одлука дека  Законот за солидарен данок е против уставен, тогаш државата ќе има обврска да ги врати парите на оние компании кои го платиле данокот.