Кабинет на Пендаровски за ТВ 24: Институциите да реагираат, а не да си ја префрлаат одговорноста за бугарски здруженија со спорни имиња

Институциите да дејствуваат оти имаат правна можност и да не си ја префрлаат одговорноста во ситуации кога се повредуваат чувствата на дел од македонските граѓани велат за ТВ 24 од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по однос на новоформираните бугарски здруженија во земјава.
 
„Потребно е да се определи надлежна институција која ќе дава задолжителна согласност во постапката за регистрација со претходна изработка на регистар на историски личности кои недвосмислено биле асоцирани со расистички идеологии, а не како до сега преку согласност на нивен роднина или наследник да може да се регистрира здружение со име на личност што неспорно ги повредува чувствувата на дел од македонските граѓани." - велат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
 
Во меѓувреме здружението  '' Цар Борис Трети''  кое деновиве крена голема прашина во јавноста иако е активно уште од од ноември минатата година досега нема свои канцеларии во Охрид. Фигурира во централниот регистар на една адреса, а на фб страницата на друга. На онаа официјалната од регистар на улицата '' Шар Планина'' во Охрид освен семејни куќи нема никаков објект кој би наликувал на канцеларии на здружение. Жителите на маалото не сакаа да зборуваат пред камера но велат дека немаат информација оти на нивната улица веќе година дена функционира такво здружение.
 
,,Во оваа држава изгледа освен македонец не може да се чувствуваш никако поинаку, цела недела во јавноста не третираат како да сме криминалци рече кратко во телефонски разговор претседателот на здружението Цар Борис Трети од Охрид Томе Блажески кој се повика на официјалниот став објавен на нивниот фб профил.
 
„Македонија е исто и наша држава во која го почитуваме уставот и законите .Проблемите нека ги решаваат политичарите од двете страни,историчарите-историјата. Ние сме едни обични граѓани кој не сакаме и замолуваме да не сме злоупотребувани за партиски цели и поени." -велат од Здружението.
 
Од таму пишуваат  и дека истото е формирано за зачувување и негување на бугарската култура со почит кон ликот и делото на Цар Борис III обединител.Од информациите кои кружат во јавноста членовите кои биле многу ама не им се кажува број најчесто имале двојно државјанство и се декларирале како бугари.Во постовите на социјалните мрежи може да се прочита дека имаат претставништво и во Скопје и дека со тамошните членови многу често заеднички учествуваат во разни бугарски чествувања.
 
Формирањето на ваквите здруженија во јавноста веќе предизвикува вознемиреност и се толкува како намерна провокација.
 
Во април годинава во Битола беше отворен културен клуб на македонските Бугари кој го носи името на Ванчо Михајлов, за кого историјата вели дека бил соработник на фашистичка Германија, тогаш присустваше скоро цела бугарска влада.На социјалните мрежи веќе се споделува информација дека и  во Богданци се подготвува ново бугарско здружение кое според најавите треба да го носи името на Цар Фердинанд, татко на Царот Борис III.