Кабелските оператори најавија исклучување на сите странски и домашни канали – освен МТВ

Kабелските оператори во земјава на 8 ноември најверојатно ќе ги исклучат телевизиските канали, што ќе значи информативен мрак за гледачите.

Ќе остане за гледање само МТВ, односно јавниот сервис, откако новата Влада не го реши проблемот со спорниот Закон за медиуми, кој на кабелските оператори им налага обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат, и за тоа тие да сносат кривична и материјална одговорност. 

Операторите испратија писмо до новиот министер за администрација, спикерот Талат Џафери и премиерот Заев, а ги информираат и странските амбасади во земјава. Бараат укинување на спорните членови што Владата еднаш во вонредна состојба ги одложи.  

„Едната солуција е законското решение да биде изменето, односно да биде укинат членот 143, став 3 и 4. Или втората варијанта е да се прифати нашата иницијатива, која е на разгледување пред Уставен суд. Во спротивно ние по сила на Закон, кој што е стапен на сила и правилниците што ги има донесено Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги не сме во можност да ги пререгистрираме странските каналаи со оние фамозни изјави кои што треба да ги дадат одговорните лица на странските радиодифузери, но и одговорните лица на операторите кои вршат реемитување, што е нон сенс, спротивно на европската пракса“. - Благој Христов, Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.

Во писмото операторите предупредуваат на сериозноста на ситуацијата. Бараат и средба со функционерите.

„Странските програмски сервиси сочинуваат повеќе од 90 отсто од вкупната понуда на телевизиски канали на кабелските оператори кон своите корисници. Од друга страна повеќе од 90 отсто од граѓаните користат телевизиски услуги преку кабелски оператори. Со укинувањето на странските програмски сервиси ќе настанат штетни последици за граѓаните/корисниците, индустријата за електронски комуникации, слободата на медиумите и слободниот пристап до информации но и за државата“. - велат операторите. 

Операторите пред неколку месеци на еден час ги исклучија од емитување сите телевизии освен јавниот сервис, во знак на револт и предупредување. Владата тогаш во јуни донесе Уредба со која времено се одложи Законот. Но на 8 ноември Уредбата истекува.