Јувентус почна преговори со Нејмар

Напаѓачот на ПСЖ, Нејмар, може да ја продолжи кариерата во Серија А, пишува „АС“.

Според шпанскиот спортски весник, раководството на торинскиот клуб влегло во преговори за евентуален трансфер на Бразилецот, но од Јувентус не се задоволни од високите барања за плата на фудбалерот.

Претходно беше објавено дека за играчот се заинтересирани и Челзи и Барселона. ПСЖ не крие дека нема да се спротивстави на неговото заминување во овој преоден рок.

Нејмар минатата сезона за Пари Сен-Жермен во сите натпреварувања постигна 13 гола и имаше осум асистенции на 28 натпревари. Неговиот договор со парижаните е со важност до 30 јуни 2025 година.