Јубилејна изложба по повод 120 години од раѓањето на Томо Владимирски

120 години од раѓањето на Томо Владимирски, еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност ќе бидат одбележани утревечер во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Ќе бидат изложени околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, сопственост на фамилијата на Владимирски, но и голем број приватни сопственици и почитувачи на делото на уметникот. Изложбата ја подготви Ана Франговска, кустос-советник во Националната галерија. Поставката ќе биде отворена еден месец.

- Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата, основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби кои почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед. На таа генерација, која ја предводат Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, им се приклучува со мало задоцнување и Томо Владимирски. Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност, придонесуваат Владимирски да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високо оценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела – велат од Националната галерија.