ЈУБИЛЕЕН НАТО САМИТ ВО ЛОНДОН – МАКЕДОНИЈА НА ИСТА МАСА СО СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ
Foto

ЈУБИЛЕЕН НАТО САМИТ ВО ЛОНДОН – МАКЕДОНИЈА НА ИСТА МАСА СО СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ

„Многу навредлива“ е неодамнешната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека „НАТО е во состојба на мозочна смрт“. Ова го изјави американскиот претседател Доналд Трамп во Лондон пред дводневниот Самит на Северноатлантската алијанса.

„НАТО има голема цел. Многу е непријатна таа изјава за 29 земји-членки. Никој нема поголема потреба од НАТО од Франција“. - Доналд Трамп – Претседател на САД.

Токму како што беше најавено, на јубилејот 70 години од НАТО, овој Самит во Лондон минува во тензична атмосфера. На изјавата на Макрон, и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган реагираше мошне грубо.

„Тој вели дека НАТО е во состојба на мозочна смрт. Господине Макрон, јас од Турција велам, а ќе го повторам и во НАТО, проверете прво и Вие да не сте во состојба на мозочна смрт“. - Реџеп Тајип Ердоган – Претседател на Турција.

Анкара долго време е во судир со Париз. Турција ја критикува Франција поради тоа што Макрон во април прими членови на курдската милиција во Елисејската палата. Тогаш Макрон изјави дека им оддава почест за нивната борба против Исламска држава. Макрон му префрла на Ердоган за неговото агресивно однесување во Сирија. Меѓу сојузниците има и уште неколку точки на несогласување, Москва, Кина и финансирањето на самата Алијанса. На Самитот учествува и наша делегација, премиерот Зоран Заев и министрите за одбрана и надворешни работи, Радмила Шеќеринска и Никола Димитров. Заев порача дека земјава сѐ уште не е полноправна членка и дека зголемувањето на буџетската стапка за одбрана почна пред две и пол години. Прашан за блокадата на францускиот претседател во октомври, за пристапните преговори повтори дека оваа одлука предизвика големо разочарување за македонските граѓани.

„Ова беше многу нефер за нас, ние сме кандидати за ЕУ петнаесет години, сите 28 земји членки потврдија во Советот на ЕУ дека сме ги исполниле реформите, најдовме решение со Грција и Бугарија, го сменивме нашето уставно име и одлуката дека на ЕУ и е потребно повеќе време беше многу дестабилизирачка за нас, многу бевме разочарани, но ние продолжуваме со реформите“. - Зоран Заев - Премиер.

Во завршната декларација од самитот предвидено е во посебен параграф да биде забележано дека земјава е добродојдена како 30 членка. За ратификација на протоколот останува уште Шпанија во која по изборите се уште не е констатиран Парламентот и не е формирана Влада. Откако Мадрид ќе ја заврши процедурата, на крајот македонското Собрание треба да го ратификува протоколот.

0 Коментари

Остави коментари