ЈСП Скопје повторно со бесплатен превоз за возрасните лица, средношколците и студенти
ЈСП Скопје, повторно го започнува бесплатниот јавен превоз за возрасни лица, за жени над 62 години и мажи над 64 години и ќе важи во вторник, петок, сабота и недела. Бесплатниот превоз ќе се врати и за средношколците, студентите од државните универзитети и лицата со попреченост, истакна на денешната прес конференција в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, Иван Илиевски.
Средствата за воведувањето на бесплатниот превоз, Илиевски рече дека се обезбедени од Град Скопје согласно одлуката на Советот на Град Скопје за дотации или давање субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие. Со ова олеснување ќе бидат опфатени околу 80 000 корисници на јавниот превоз во Скопје.
– Морам да напоменам дека освен што се ослободуваат возрасните лица во посочените денови од трошоци за автобуски превоз, бесплатен превоз веќе имаат и учениците средношколци во средните училишта чијшто основач е Град Скопје, редовните студенти на додипломски студии на државните универзитети во Скопје, како и лицата со попреченост, нагласи Илиевски и додаде дека возрасните лица кои сакаат да користат бесплатен превоз треба да поседуваат персонализирана електронска картичка „Скопска“ и при користење на јавен превоз да се валидираат.
Во однос на финансиската состојба на ЈСП, Илиевски посочи дека се бара начин да се отстранат непродуктивните трошоци.
– Се соочуваме со големи предизвици, скок на цената на нафтените деривати, на природниот гас. Споредбено со декември минатата година, трошоците за гориво и гас се зголемени во просек за 33 проценти. Ова е и ќе биде тешка година за сите, а ние како претпријатие бараме начин да ги сведеме на нула непродуктивните трошоци, потенцираше Илиевски.
Тој исто така информираше дека во последниот период пуштени се во употреба дополнителни автобуски линии, а и дека претходно укинатите ноќни линии се вратени повторно во функција.
На новинарско прашање во врска со воведувањето на бесплатниот превоз во време на криза, каде што зголемени се трошоците на претпријатието и се наоѓа во големи тешкотии, Илиевски посочи дека ЈСП и Град Скопје решиле, како што рече, барем на одредена група на граѓани да им ги олеснат економските проблеми.
На прашање во врска со безбедноста на новите градски линии, тој одговори дека ќе бидат побезбедни, дека се работи напорно на тоа поле и оти е интервенирано во согласност со предлозите на граѓаните и истакна дека дополнително ќе се интервенира на подобрување и зголемување на возните линии.
Во однос на тоа кога би се вовел бесплатен јавен превоз за сите категории, Илиевски рече дека се работи на консолидирање на претпријатието од економски аспект и зголемување на човечки ресурси, како и дека бесплатниот и еколошкиот превоз во Скопје ќе бидат исполнети во согласност со ветувањата на градоначалничката на Скопје.