ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПРАЗНИ КАНЦЕЛАРИИТЕ, ТОЈ ТОКМИ ЖАЛБА НА РЕШЕНИЕТО ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ
Foto

ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПРАЗНИ КАНЦЕЛАРИИТЕ, ТОЈ ТОКМИ ЖАЛБА НА РЕШЕНИЕТО ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ

Разрешениот претседател на Врховен, Јово Вангеловски ги пакува куферите, но и подготвува жалба на одлуката на Судскиот совет за неговото разрешување. Тој денеска се појавил на работа во Врховен. А се очекува утре да ги добие решенијата од Судскиот совет, по што би требало да ја испразни канцеларијата за неговиот колега, судијата Фаик Арслани кој вчера Советот го избра за ВД претседател на Врховен. ТВ 24 побара одговор од Вангеловски што ќе спори во одлуката за негово разрешување, но тој не одговараше на телефонските повици и пораките. Вангеловски во изјава за „А1 Он“ вели дека штом ја добие одлуката ќе се жали бидејќи имало бројни повреди во постапката.

Покрај одлуката дека е разрешен од претседател и судија, Судскиот совет вчера донесе одлука и за негово суспендирање, односно времено оддалечување од вршењето на судиската и претседателската функција.Тоа практично значи дека Вангеловски кој има право на жалба до Врховен, практично комплетно е тргнат од менаџирањето и секаков допир со предметите во највисокиот суд во земјава.

- „По Законот за судски совет кога има предлог за разрешување се носи и друг предлог за времено оддалечување. Бидејќи ако нема таква мерка тој ќе продолжи да работи се до правосилност на решението. Денес од службите се изработени одлуките и тие утре би требало да бидат и официјално врачени“- изјави за ТВ 24 Киро Здравев, претседател на Судскиот совет.

Со суспензијата Вангеловски практично не ќе може ниту да влијае на жалбата за одлуката за неговото разрешување, по која пак треба да одлучуваат и судии од Врховен.

Вангеловски е разрешен поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Му „пресуди“ одлуката да го спаси од притвор бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО. Иницијативата за негово разрешување ја достави невладината Зелена лупа уште на крајот на 2017-та година. Гласот на Вангеловски одекна и во бомбите.

0 Коментари

Остави коментари