Јовески: Потпишав повлекување на жалбата уште додека се трагаше по Мијалков, мерките може да се ревидираат

Државниот обвинител Љубомир Јовески се потпишал на актот со кој се повлекува жалбата за Сашо Мијалков да оди во притвор. Тој во разговор за ТВ24 тврди дека ова не е конечен став на обвинителството и можно е да се ревидираат мерките за присуство на поранешниот шеф на УБК. На нашето прашање дали обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов се потпишале на актот за повлекување на жалбата, Јовески не одговори потврдно. 

- Жалбата е повлечена оти во тој момент решението за куќен притвор не може да се ефектуира, со оглед дека обвинетиот бил во бегство. Кај мерките за обезбедување во секој момент странките можат да бараат нивно измеување на полесна или построга мерка зависно од околностите и фактите во конкретниот случај. Обвинителството досега нема побарано измена на мерката куќен притвор со потешка мерка со оглед на тоа што се оценува дека и со оваа мерка се обезбедува присуство, а во петок е објавувањето на пресудата и ќе се разгледуваат мерките за присуство на обвинетиот. - вели Јовевски.

И Јовески, како и сите останати први луѓе во правосудниот систем вели дека не чувствува одговорност за бегството на Сашо Мијалков и смета дека во  обвинителството немало пропусти.

- Зошто да чувствувам одговорност кога совесно професионално и неппристрастно беше делувањето на обвинителството во овој случај. Мојот одговор е дека безбедносните прашања, не се исклучива надлежност на обвинителството, туку на надлежните органи за безбедност. Во конкретниот случај обвинителството не е известено ниту му е наговестено дека има тешкотии при спроведувањето на мерката прикриено полициско обезбедување или да се бара определување на други мерки. - изјави тој.

Државниот обвинител Љубомир Јовески во овие три дена не се појави во јавноста, сите одговори ги даваше неговата колешка Вилма Русковска.