Јовановиќ за СТУДИО 10: Ограничувањето на цените треба да трае подолго, но мора да се зголемат и платите за да се штити граѓанинот
Треба да се внимава да не се создаде монопол и да се создаде преголема банка. Едната банка важи како банка на поранешните комунистички олигарси, а другата на груевистичките бизнисмени, па спојувањето на Комерцијална банка и Стопанска банка Битола не треба да остане незабележжано, вели професорот Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за економски студии во СТУДИО 10 на ТВ 24.
- Иста е состојбата на цените и инфлацијата и во Австрија како и во Македонија, разликата е што во Австрија се зголемија платите и што семејствата добија финансиска помош за поддршка на семејствата. Мислам дека нашата влада не требаше да го прекине ограничувањето на цените донесено во февруари, а и ова ќе трае само до декември. Тоа е игра на мачка и глушец, глушецот прави што сака, а мачката божем ќе го поткачи од време на време. Затоа оваа мерка на ограничени цели треба да важи неограничено, а ќе се укине дури кога ќе се создадат услови за тоа со намалување на инфлацијата, вели Јовановиќ.
Јовановиќ вели дека инфлацијата малку ќе се намали, но треба да биде јасно дека потрошувачката кошничка нема да биде поевтина од ова што е сега, а за да се подобри стандардат на граѓаните мора да се зголемат платите.
- Фирмите во Македонија ја злоупотребија ситуацијата и ги напумпаа цените што јас го гледам оти исто трошам и во Скопје и во Виена, вели Јовановиќ.