Јовановиќ: Економската активност во секоја држава е најголема пред избори после тоа економијата забавува
Сиромаштијата во земјава не се намалува и покрај растот на платите во последните неколку години. Зголемувањето на цените, но и профитите на бизнисмените влијае земјава се уште да има голема стапка на сиромаштија од околу 20 проценти.
Зголемувањето на просечната плата не е најдобар индикатор за подобрувањето на животниот стандард, оти треба да се види дали просекот го крева растот на платите на директорите или на обичните работници, вели за Студио 10 Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Очекувањата се дека растот на БДП во последниот квартал лани ќе биде повисок од претходните. Тоа се должи на нетипично високите расходи во декември, кога Владата потрошила околу 200 милиони евра на капитални расходи, речиси исто колку што се потрошиле за претходните 11 месеци. За Јовановиќ ова не е изненадување, оти пред избори економиите се раздвижуваат.
Ако за зголемувањето на платите оваа Влада може да добие преодна оценка, тогаш зголемувањето на функционерските плати и укинувањето на гарантираните цени на производите на месец и пол до избори се катастрофални грешки, тврди Јовановиќ. Toj не очекува економските теми да доминираат во партиските наративи во предизборната кампања, туку меѓусебните обвинувања за тоа кој е поголем патриот или предавник.