Јованов призна вина, семејството на Фросина бара најстрога казна

Васил Јованов кој се товари за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, призна вина и изрази сочувство до семејството на Фросина и се извини за стореното. 

„Виновен сум. Чувствувам грижа на совест и носам голем товар за тоа што го сторив и не можам да ви објаснам какво каење чувствувам. Не поминува ден, а да не се молам за душата на Фросина и за здравјето на нејзиното семејство. Ова е нешто што ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Не знам како ќе продолжам со остатокот од мојот живот.“ - Васил Јованов.

Родителите на Фросина бараат да му се одреди максимална казна на Јованов.

„Многумина тврдат дека Македонија има закони, а  наводно лошо се применуваат. За што за последново се во право.“ - Тодор Кулаков татко на Фросина.

„Се надевам дека судот ќе покаже дека законите имаат душа и правдата има лице.“ - Камелија Кулакова мајка на Фросина.

Задоволителна правда за одбраната на семејството е максималната казна и превенција за во иднина. 

„Обвинетиот Васил даде голо признание. Ние побаравме од судот согласно законот, да се изрече највискота предвидена санкција која законодавецот не случајно ја предвидел во законот. Доколку се изрече највисоката предвидена санкција тоа ќе биде единствената задоволителна правда.“ - Дарко Ал Блана адвокат на семејството Кулакови.

Јавниот обвинител Александар Маркоски посочи дека сообраќајната несреќа е последица на низа сообраќајни пропусти. 

Адвокатот на Васил Јованов презентираше докази за неговото школување, достигнувања во спортот, психијатриско вештачење во кое се наведува дека било изразено чувство на вина, како и видео снимка од местото на несреќата и реакцијата на Јованов. Апелираше институциите да донесат одлука врз основа на законот, а не врз основа на „Око за око. Заб за заб.“ 

„Цело време на исказите читаа од нивните мобилни телефони, што значи дека некој им ги подготвува тие говори, така настапуваат од првиот ден. Сакам да имате в предвид еден многу важен факт, се работи за човек кој има 20 години, категорично ја призна својата вина. Имаше доблест да признае и да се сноси со сите последици кои ќе дојдат после неговото признание.“ - Сашко Дуковски адвокат на Васил Јованов.           

Според Обвинителството, на 29 јануари годинава, Васил Јованов, без возачка дозвола,  под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на Партизански одреди во Скопје. Поминал на црвено светло и удрил во Фросина Кулакова, која преминувала на пешачки премин. Од ударот, Кулакова се здобила со тешки телесни повреди. Судијката Снежана Марковска рече дека пресудата ќе биде изречена следната недела на 13 мај.