Јован Деспотовски под истрага за злоупотреба на службената положба, остана и без пасош
Судија на претходна постапка во Кривичниот суд Скопје определи одземање на пасошот и повремено јавување во судот за поранешниот директор на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски.
Мерките на претпазливост се изречени на барање на Основното јавно обвинителство, кое отворило предмет за евентуално злоупотреби на службената положба од Деспотовски додека бил директор со ТИРЗ.
Обвинителството претходно соопшти дека против Деспотовски се води претходна постапка за злоупотреба на службената положба и овластување, но официјално, се’ уште нема детали што опфаќа постапката, додека според некои информации во јавноста, истата, се однесува на финансиски недоследности поврзани со приватна компанија.
„Во предметот се’ уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, велат од Обвинителството.
Деспотовски претходно ги демантираше тврдењата објавени во дел од медиумите дека бил приведен по налог на Управата за финансиска полиција. Наведе дека ги презема сите потребни правни чекори за заштита на неговата чест и углед, а неговата достапност за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина.

