Јокиќ и Денвер го декласираа ЛА Лејкерс

Ноќва стартуваше сезоната во НБА лигата, а првиот натпревар не донесе ништо ново. Никола Јокиќ уште еднаш потврди дека моментално е можеби најдобриот кошаркар на планетата. Српскиот ас со трипл дабл го предводеше актуелниот шампион Денвер Нагетс до победа од 119-107 против Лос Анџелес Лејкерс.

На дуелот во Колорадо, прв во новата сезона од најсилната кошаркарска лига, му претходеше церемонија на која Нагетси ги добија шампионски прстени во преполната „Бол Арена“. Кошаркарите на шампионот прво го добија вредниот „подарок“, а потоа лесно се справија со Леброн Џејмс и дружината.

Во центарот на вниманието на овој дуел секако беше Никола Јокиќ. Српскиот ас до 106. трипл дабл во кариерата стигна со 29 поени, 13 скока и 11 асистенции. Сега на вечната листа е на шестото место со само еден помалку од Леброн Џејмс и Џејсон Кид.

Покрај Јокиќ, во редовите на Денвер, Мареј постигна 21, Колдвел Поуп 20, а Гордон 15 поени. Кај Лејкерси најдобар беше ветеранот Леброн Џејмс со 21 поен, осум скока и пет асистенции. Принс постигна 18 поени, а Ентони Дејвис 17 поени.