Јохансен: Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт, детекцијата и изолацијата клучни за справување со болеста

За разлика од Ковид-19, мајмунските сипаници обично не се шират лесно меѓу луѓето, а за да се случи тоа потребен е близок контакт преку кој вирусот ќе влезе во телото преку исеченица на кожата (дури и кога таа не е видлива), респираторниот тракт или мукозни мембрани (очите, носот или устата), како и преку телесни течности или продолжен контакт со предмети контаминирани од истите (облека, постелнина, пешкири, итн.), вели специјалната претставничка на регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа во Северна Македонија, д-р Ане Јохансен.

Симптомите се најчесто лесни и се во форма на лезии кои можат многу да чешаат или да болат. Се јавува осип со меури на лицето, рацете, стапалата, очите, устата и/или гениталиите (во актуелнава епидемија најмногу се пријавени случаи на генитален и перианален осип), треска, отечени лимфни јазли, главоболки, болки во мускулите и ниско ниво на енергија. Сепак, вели Јохансен, мајмунските сипаници може да бидат тешко заболување, особено за децата, бремените жени и имунокомпромитираните лица.

Американскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека мајмунските сипаници можат да се пренесат на секого кој има близок контакт преку кожа или интимен контакт – орален, анален или вагинален секс или допирање на гениталиите на лице заболено со мајмунски сипаници. Понатаму преку прегрнување, масажа и бакнување, допирање на предмети како облека, пешкири, постелнина на лице заболено од овие сипаници, кои не се дезинфицирани.  

Бремените жени можат да го пренесат вирусот на фетусот преку плацентата. 

Лице заболено со мајмунски сипаници може да го шири вирусот од моментот додека не се појават симптомите, па се додека осипот не се изгуби. Болеста трае од две до четири недели. 

Научниците се уште немаат одговор дали вирусот се шири додека не се појават првите симптоми, како и тоа колку често мајмунските сипаници се шират преку респираторни секрети. 

Претставничката на СЗО во земјава вели дека главните мерки за ставање под контрола на епидемијата на мајмунските сипаници се раната детекција и пронаоѓањето на контактите и нивната изолација.

Исто така, според Јохансен, комуникацијата во форма на информирање за ризиците и ангажирањето на заедницата се интервенции од суштинско значење. Државите треба да соработуваат едни со други и со СЗО, обезбедувајќи ја потребната помош преку билатералните, регионални или мултилатерални канали, како и да ги следат упатствата што ги дава СЗО, вели Јохансен.