ЈО: Савески не може да спречи некого да му се јави телефонски
Јавниот обвинител не може да спречи некого да му се јави телефонски, се вели во реакцијата на Обвинителството на чие чело е Ненад Савески по реакциите во јавноста на изјавата на премиерот Мицкоски дека вчера телефонски разговарале за последната одлука на ОЈО ГОКК за запирање на постапката за мазутот за ТЕЦ „Неготино“.
„Јавниот обвинител не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави претседателот на Владата, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет. На прашање на претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од Обвинителството, дека предметот не е рефериран во Републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“, се вели во соопштението од Обвинителството.

