Јавно обвинителство: Започна увидот во опожарената фабрика Макпрогрес
Започна увидот во опожарената фабрика во Виница. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани го започна увидот по пожарот што на 6 септември доцна попладне избувна во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес Винчини”. Увидните дејствија ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи сè уште има жаришта кои тлеат, соопшти Обвинителството.
„Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица која не беше зафатена од огнот. Во текот на утрешниот ден на увид на лице место е повикано и вешто лице – електроинжинер. Во меѓувреме, обезбедени се снимки од видео надзор и се преземаат други дејствија за испитување на настанот“, велат од ЈОРСМ.
Винчини ќе биде изградена и консолидирана итно, а сите 500 вработени ќе ги задржат своите работни места, се огласија синоќа од компанијата. Во официјалното соопштение на „Макпрогрес“ стои и дека во пожарот вo целост изгоре еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, заедно со два магацини, од кои еден за суровини и еден за готови производи во нивната главна кондиторска фабрика „Винчини“ во Виница.
„Фабриката Винчини ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа. На сите наши производи продажните цени ќе ги задржиме ниски и достапни за потрошувачите како и досега, а дополнително некои цени и ќе ги намалиме како би поттикнале поголема продажба.” - стои во соопштението од менаџментот на компанијата.
Во пожарот, за среќа немаше човечки жртви, но повеќе од 20 лица побарале лекарска помош, од кои 13 беа хоспитализирани и сите се во стабилна здравствена состојба со полесни повреди.
Инаку, „Макпрогрес Винчини“ е најголемиот стопански објект во Oпштина Виница, основан пред 35 години и е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во државата.

