Јавно извинување на РТВ Војводина до граѓаните, а граѓани упаднаа во зградата на „Информер“
Дневникот на Радио-телевизија Војводина кој се емитуваше во 17 часот почна со извинување кое водителот Горан Ерор го упати до гледачите поради долгогодишните пропусти во известувањето на јавниот радиодифузен сервис.
Горан Ерор: „Јавниот сервис со години не ја исполнуваше својата функција. Се премолчуваше, се затвораше едно око, се известуваше еднострано и некритички, а вистинските прашања не се поставуваа или воопшто ги немаше. Поради тоа, им должиме извинување на гледачите. Дел од новинарите и уредниците во оваа куќа работеа слободно и во согласност со етичките принципи. Нажалост, битката не ја добивме навреме, но најважно е да продолжиме.“
Поради случувањата, главниот уредник Ненад Ќаќиќ поднесе оставка, и веднаш по објавувањето на веста, вработените заиграа оро во телевизиската куќа.
Тензична атмосфера имаше и во просториите на српската телевизија „Информер“ откако група граѓани влегоа во зградата и ја прекинаа програмата во живо. На социјалните мрежи кружат снимки како главниот уредник Драган Вучиќевиќ и дел од вработените го напуштаат студиото. Од телевизијата побарале интервенција од итните служби, пријавувајќи дека една вработена доживеала епилептичен напад.

