Јавните претпријатија се дават во долгови, само скопски Водовод должи 53 милиони евра

Македонските јавни претпријатија работат со длабок минус. Над 55 % од нив 2024 година според завршните сметки се со загуба. Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за финансиските резултати на локалните јавни претпријатија во земјава. 

Центар за граѓански комуникации

- Загубите на локалните јавни претпријатија во 2024 година се зголемени во однос на 2023 година дури за 56 %, односно за 6,2 милион евра. Во последните неколку години зголемен е и бројот на претпријатија што работеле со загуба и тоа од 54 во 2023 година на 71 претпријатие во 2024 година. Соодветно на тоа, намален е бројот на претпријатија што оствариле добивка во 2024 година, но вредноста на добивката на овие претпријатија е зголемена. Во 2024 година вкупната добивка изнесува околу 5,4 милиони евра што е за 24 % повеќе од 2023 година.

Освен што имаат загуби претпријатијата до гуша и во долгови, од вкупно 128 дури 126 немаат подмирено краткорочни обврски. 53,3 милиони евра неподмирено има скопски „Водовод и канализација“ кое што има и најголема загуба. 

Центар за граѓански комуникации

- Долгови на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски, изнесуваат 193 милиони евра. Долговите на 10-те најзадолжени претпријатија се 40 % од вкупните долгови на сите претпријатија. На дури третина од локалните јавни претпријатија им е блокирана банкарската сметка. 

Во сите овие 128 претпријатија на локално ниво, во постојан работен однос има 12.009 вработени. Најмногу со над илјада имаат три скопски локални претпријатија – „Комунална хигиена“, ЈСП и „Водовод и канализација“. Од другите градови пак со најмногу вработени е штипски Исар.