Јавните претпријатија од југозападот најзадолжени
Општинските јавни претпријатија од југозападниот регион меѓу најзадолжените во државава. Меѓу најголемите должници се и болници,училишта и културни установи.
Конкретно за Струга,на крајот на декември лани од ЈП Водовод и канализација пријавиле долг во износ од 3,4 милиони евра што го вбројува ова јавно претпријатие на високото 25 то место на новата должничка листа. На територијата на општина Струга со долг од 1,4 милион евра е Општата болница Струга, Заводот за нефрологија-Струга со близу 1 милион евра како и ЈП Комунално Струга со долг од 736 600 евра. Доспеани а неплатени обврски пријавиле и струшките основни училишта, основниот суд како и НУ Манифестација “Струшки вечери на поезијата“.
На територијата на општина Кичево пак се наоѓа една од најзадолжените здравствени установи - Општата болница која е на 6 место на должничката листа со неплатени обврски во износ од 11,3 милиони евра. ЈП Комуналец има неплатени сметки во износ од 1,2 милиони евра а долгови имаат и Здравственот дом во Кичево, основни, средни училишта како и Правниот факултет.
Во Охрид најзадолжено е ЈП „Водовод” со преку 300 милиони денари долг, а милионски долгови имаат и ЈП „Билјанини извори”, „Охридски комуналец” „Нискоградба” „Градски пазар” и „Градски гробишта”.
Министерот за локална самоуправа Пенов е незадоволен од менаџирањето на градоначалниците и општинските совети во земјава но вели дека тој нема можност да го контролира недомаќинското работење на дел од општините поради децентрализацијата.
„Ние не сме надлежни за контрола, дури и законски не е издржано владата да ги конторлира општините, бидејќи ние имаме суштинска и целосна децентрализација. Кај општините каде што се појавуваат подолго долгови проблемот е што градоначалниците и општинските совети ги штитат граѓаните да не плаќаат или да плаќаат мали давачки кои што се несоодветни да ги покријат потребите за одржување на комуналните услуги“ вели Ристо Пенов министер за локална самоуправа.
Освен долгови и камати главно за неплатени сметки за струја, кај општините финансиските проблеми ги прави и превработеноста, долгите списоци на ангажирани лица со договори на дело, високите хонорари, скапи телефони, нови возила, скапи ручеци и други луксузирања.