Јавниот долг е загрижувачки само кога си опозиција!

Владата лаже дека зема нови кредити за да враќа стари. Ако тоа беше така, долгот ќе се намалеше. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со жестоки критики за економските политики на Владата.

Според него, наместо стабилизација, земјата влегува во нов циклус на задолжување, кој директно го оптоварува буџетот и идните генерации. Обвинува дека власта создава нов долг додека паралелно тврди дека само ги сервисира старите обврски. Според опозицијата, официјалните бројки го демантираат наративот на Владата и покажуваат раст на задолжувањето.

Министерството за финансии контра Филипче. Од таму велат, јавниот долг во првиот квартал од 2026 изнесува 10,7 милијарди евра, односно 59,7 проценти од БДП. Потенцираат дека иако во апсолутен износ има раст, учеството во БДП е намалено, што според нив значи дека економијата расте побрзо од долгот. Дополнително, нагласуваат дека новите задолжувања се делумно за враќање на стари обврски, како еврообврзниците, но и за финансирање на буџетот и капитални инвестиции.

„Според податоците во првиот квартал 2026 во споредба со податоците на крајот на 2024 година е евидентирано намалување на јавниот долг во однос на БДП од 0,7п.п., иако во апсолутен износ е забележано зголемување. Тоа значи дека буџетските средства придонеле за раст на економијата, што е поголем од апсолутниот раст на долгот. Исто така, од втората половина од 2024 година до првиот квартал од 2026 година е направено обезбедување на средства на меѓународниот пазар со цел отплата на доспеани обврски од претходните години.“

Јавниот долг е близу психолошката граница од 60 проценти. Професорот по економија Борче Треновски вчера за ТВ24 вели дека состојбата не е алармантна, но предупредува дека мора да се биде внимателен, бидејќи земјата веќе се движи во зона на зголемен ризик и клучно е како ќе се сервисира долгот во наредниот период.