Јавни набавки, коронавирус и ризикот од корупција
Знаејќи дека на институциите им се брза во услови на вонредна состојба и немаат голем избор, набавувачите, според наодите од мониторингот, можат да го искористат овој период за пумпање на цените. А со тоа да станат така нарачени воени профитери.
Центарот за граѓански комуникации препорачува навремено да се објавуваат договорите за јавни набавки, да се информира јавноста, да се вклучат повеќе фирми во преговарањето, да се почитуваат роковите на испорака и детално да се образложуваат причините за секоја набавка. Со тоа, процесот би бил потранспарентен, а парите би се трошеле порационално.
Владата потрошила 20 илјади евра за изнајмување на мобилни тоалети и уште дополнителни 44 илјади евра за купување на средства за дезинфекција. Итни набавки со средства за дезинфекција направиле и Народната банка, Агенцијата за храна, Државниот завод за ревизија, Фондот за здравство, Катастарот и неколку болници кои докупувале и маски и ракавици.
Дали државните институции рационално ги трошат парите затоа што во вонредни услови, согласно Законот за јавини набавки, тие се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, без објавување јавен оглас.
Според Центар за граѓански комуникации итните набавки со себе носат поголем ризик од корупција, а нивната анализа покажува дека во половина од склучените договори за итни набавки се преговарало само со една фирма. А цените варираат, во зависност од тоа дали се преговара само со една компанија или со повеќе.
„Така, на пример, една институција купила хируршки трислојни маски за 32 денари, а друга – обични маски за 35 денари. Првата вклучила 8 понудувачи, а втората само еден. Некоја институција, пак, платила 3,9 денари за една заштитна ракавица, иако најчестата малопродажна цена на ракавиците, дури и во вакви пазарни услови, изнесува 3,5 денари.“
Заклучно со 5 април, објавени се вкупно 17 известувања за склучен договор како и 12 одлуки дека е избрана најповолна понуда и дека ќе се склучи договор. Вкупната вредност на договорите е околу 130 илјади евра и со оглед на малиот број договори, Центарот не е уверен дека сите институции пријавиле што купувале во изминатиот пориод.
„Дел од објавените договори не содржат детален опис на набавените производи, со што се оневозможува проверка на рационалноста на потрошените пари. Имено, има договори во коишто стои само дека се набавиле „маски“ или „ракавици“, без да се прецизира за какви точно станува збор бидејќи, во зависност од видот и од нивните карактеристики, цената може многу да варира. Така, на пример, само кај маските, прави разлика дали се хируршки, платнени, повеќеслојни, за една или за повеќе употреби.“