Јавната дебата за Законот за медиуми не се одржа, се претвори во работен состанок зад затворени врати
Ниту телекомуникациските и кабелските оператори, ниту еснафските новинарски здруженија и синдикат, ниту експертите кои кажаа не на предложениот текст за враќање на јавните реклами на телевизиите не се појавија на расправата што ја организираше Министерството за информатичко општество. Нема да присуствуваме на расправа само за дадеме формален легитимитет дека се случила дебата за нешто што воопшто не е прифатливо и се коси со ЕУ директивите - се дел од коментарите на оние кои не присуствуваа. Од експертскиот тим велат предоцна ги добиле материјалите и имаат бројни забелешки кои ги адресирале до Минстерството.
И од ЗНМ, ССНМ, МИМ, ИКС и Советот за етика не беа на средбата. Велат дека на министерот веќе му кажале дека нема да разговараат за предложен текст кој целосно е неприфатлив.
„Сметаме дека предложениот текст не е во согласност со европските стандарди. Потсетуваме дека државното рекламирање преку платени политички кампањи со пари на граѓаните го зголемува ризикот од политичко мешање во медиумите. Овој пристап не би ја подобрило медиумската содржина и плурализмот во медиумите.“
Со предложениот текст се предвидуда јавните реклами и на централно и на локално ниво да се вратат во телевизиите, а доминатен дел од колачот, 75% од средствата да завршат само кај петте приватни национални телевзии, Сител, Телма, Канал 5, Алсат и Алфа. Дополнително телекомуникациските и кабелските оператори на приватните национални телевизии треба да им плаќаат надоместок што ќе го утврдува Владата. Токму ова од страна на кабелските оператори беше оценето дека е противуставно и се смета за мешање во релации на два приватни субјекти. Од Здржението на инфорамциско комуникациски технологии при Стопанската комора велат дека и тие не приствувале на средбата закажана во последен момент. Еве дел од заклучиците на здружението кои се испратени до МИОА.
“Поради сериозноста на нашите коментари по предлог текстот даден од група заинтересирани предлагачи, а заради критичноста на самиот предлог текст дадовме сериозни предлози, кои сметаме дека предлагачите и сите заинтересирани треба да ги добијат, сериозно разгледаат па потоа за 10-ина дена да се закаже средба во вид на јавна расправа на сите заинтересирани чинители, вака на неразгледани предлози нема да имаме соодветена дискусија и квалитетна расправа. Апелираме да не се злоупотреби средбата како потенцијално „процедурална“ јавна расправа и сегашниот предлог-текст да оди во владина или собраниска процедура, тоа би било сериозен преседан“, велат од Здржението и апелираат до министерот Алиу сериозно да ги опфати и сослуша сите чинители за да не се повтори праксата – законот да заврши пред Уставен суд.
Во пик на политички турбуленции за уставни измени и сценарија за предвремени избори, а во пресрет на летото, власта на маса стави предложен текст од Асоцијацијата на националните медиуими со кој се бара враќање на јавното рекламирање во телевзиите, кое според дел од експертите ќе ја врати опасноста од влијание и корупција.