Јаревски во 24 анализа: Интерпелацијата на членовите на Судски совет е поради тоа што не си ја вршат работата

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски во 24 анализа рече дека интерпелацијата на членовите на Судски совет е поради тоа што не си ја вршат работата. Според него потребно е да дојдат луѓе кои ќе работат посветено. 

„Потребата за интерпелации е бидејќи станува збор за тоа дека Судски совет не си ја врши работата и тоа е прикажано и во тие 2% недоверба во судство. Мора да се преземат мерки. Треба да им се даде простор на луѓе кои навистина ќе работат. Сметам дека интерпелацијата ќе има полза и ќе дадат оставка. Издражана е оваа постапка. Добиле доверба не ја исполниле, треба да се остави простор на некој кој ќе преземе одговорност да си ја работи работата. Верувам дека ќе допреме до нив и ќе реагираат. Нешто може да се направи“, рече Јаревски.

Тој објасни дека се потребни промени за да се зголеми довербата во судството.

„Неспорна е потребата дека нешто треба да се придвижи. Сметам дека треба да се обидеме со сите механизми и на најлегален начин да допреме до нив и да им докажеме дека нивното функционирање не е на место. Треба да се повлечат, да го послушаат мислењето на законодавниот дом кој ги избрал. Не е упад. Тој што ве назначува тој ве разрешува“, додаде Јаревски.