Јапонскиот скулптор Риота Кошика почина на роденденот на Тоше Проески, кому му изработи мермерен релјеф за во Спомен-куќата
Foto

Јапонскиот скулптор Риота Кошика почина на роденденот на Тоше Проески, кому му изработи мермерен релјеф за во Спомен-куќата

По кратко боледување на 53-годишна возраст, во Токио почина еден од најистакнатите јапонски скулптори, Риота Кошика, кого македонската јавност го знаеше како Кошка.

Риота Кошика – Кошка (Ryota Koshika) е роден во Сапоро, Јапонија, во 1967-та година.

Професионално започнал да се занимава со скулптура во мермер триесет години подоцна, во 1997-та година. Докторирал на Универзитетот во Токио.

Го фасцинирала балканската историја, па поради тоа, трагајќи по најбелиот мермер на светот, преку Италија и Грција, стигнува во Прилеп на крајот од 2000-та година, каде што и останува да живее во следните четири години, сè до заминувањето за Атина, Грција од каде што потоа се враќа во Јапонија и до крајот на својот живот предава во главниот град, Токио.
Кошка, како што го имаа наречено прилепчани, во градот под Марковите Кули четири години рачно ја вајал монументалната скулптура на мајката на Александар Велики, Олимпија, тешка пет тони, а без никаква употреба на машини. Скулптурата ја создавал со намера да им ја подари на атињаните за Олимписките игри во 2004-та, што и го сторил истото по завршувањето. 

Во текот на своето живеење на релација Прилеп-Љубаништа-Белград-Прилеп, тој го запознал и Тоше Проески, за време на концерт, при што отишол да се запознае, барајќи му автограм. По краткиот разговор (раскажуваат граѓаните на Прилеп) и двајцата си размениле автограми, зашто Тоше знаел за кого станува збор. Скулпторот Кошка, кој вознемирен ја примил веста за смртта на неговиот најомилен македонски музичар, во декември 2007-та изработил мермерен релјеф со ликот Тоше Проески и го испратил во прилепската ликовна колонија, за оттаму да биде предаден на семејството Проески во Крушево.

Риота Кошика почина на денешен ден, датум кој е и роденден на Тоше Проески.

Покрај монументалното дело посветено на Олимпија, Кошка при својата работа се инспирирал и од животите на познати луѓе од современиот историја.
Неговите дела ги вклучуваат и бистите, релјефите и галериските формати на скулптури во мермер и бронза од бразилската Ф1- легенда, Аиртон Сена (од кого има дадено само седум копии низ светот, изработени во бронза), потоа Тоше Проески, Богородица, Мајка Тереза и американската активистка и писателка Хелен Келер (и двете во нивните млади години).

Свои дела изложил во Јапонија, Македонија, Грција, Италија и во Србија.  

Во својот краток животен век, Кошика станал еден од најистакнатите класични скулптори во мермер во Јапонија, за што меѓу останатите, ја има добиено и наградата „Пол Амбил“, како и главното признание за уметник од страна на градот Токио.

Граѓаните на Прилеп денеска се простуваат од него преку социјалните мрежи, раскажувајќи анегдоти и потсетувајќи се на Јапонецот кој зборувал македонски јазик, но исклучиво на прилепски дијалект.

0 Коментари

Остави коментари