Јанушев за ТВ 24: Пријавениот подарок е добиен од моите родители и таму нема ништо спорно

Комисијата за спречување на корупција оформи предмет за актуелниот генерален секретар на Влада, Игор Јанушев. Причина за оформување на предметот е стекнатиот недвижен имот во Центар, во вредност од 20.000.000 денари, врз основ на договор за подарок. Јанушев денеска за ТВ 24 изјави дека станува збор за подарок од родителите. 

Антикорупциска ќе ги „чешла“ податоците од анкетниот лист и во следниот период ќе ги обезбедуваат податоците за потвдување на вистинитоста.

„Предметот е оформен, опфатени се сите податоци од актуелниот анкетен лист. Како институција ДКСК, ќе ги вложиме сите капацитети, во најкраток можен рок да ги обезбедиме потребните податоци за потврдување на вистинитоста  и точноста на податоците во анкетните листови. Доколку другите институции не ги достават бараните податоци, свесно како надлежна институции, ДКСК ќе ја информира јавноста и ќе постапи согласно своите законски надлежности за поведување на прекршочна постапка.“ - вели Татјана Димитровска претседателка на ДКСК.

Во телефонски разговор, за Тв 24 генералниот секретар на Владата Игор Јанушев вели дека е запознааен со оформениот предмет од страна на Антикорупциска. 

„Очекувам позитивен исход и се радувам што Антикорупциската комисија ќе може да се увери дека се е чисто. Станува збор за движен и недвижен имот подарок од родителите, кој и претходно е пријавен и во ова нема ништо спорно, ниту пак е нешто ново“  - вели Јанушев. 

Од Сдсм пак и денеска ги повикаа Управата за финасиска полиција, Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинитество да го испитаат случајот.