Јаневска: Сега веќе се појавуваат можности наставниците да добијат покачување уште годинава
Министерката за образование Весна Јаневска задоволна од сработеното во првите три месеци. Таа посочи дека министерството ќе продолжи кон градење на квалитетно образование за подобра иднина на младите во државава. Дополни дека барањата на СОНК можат да ги исполнат. Очекува дека годинава ќе има покачување на платите на просветните работници.
„Според барањата на СОНК се разбира се уште разговараме за можностите во буџетот но, она што сонк го бара мислам дека ќе можеме да го изреализираме со тек на време. И очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставцниците. За разлика од пред неколку месеци каде што можностите речиси беа исцрпени сега веќе се појавуваат“, вели Весна Јаневска - Министерка за образование.
Посочи дека следната учебна година ќе има учебници за странски јазици
„Набавката за учебници по странски јазици најверојатно најдоцна ќе биде распишана до јануари, што значи за следната учебна година ќе ги има и учебниците по сите странски јазици“, вели Јаневска.
Министерката за образование изјави дека македонското образование нема капацитет за на ниво на цела држава да има едносменска и целодневна настава. Таа посочи дека најголемиот проблем е во Скопје и уште неколку училишта во поголемите градови.
Јаневска изјави дека МОН работи на проект анализа со Светската банка каде може да се започне со едносменска настава само со доградба на училници. Таа посочува дека во околу 140 училишта потребна е доградба од една до 15 училници , а во поголемите скопски општини како Чаир и Аеродром ќе треба да се догради и училиште.