Јаневска: Се подготвува нов закон со кој издавачките куќи ќе ја имаат обврска за печатење учебници

Учебници за основно и средно образование со полемичен квалитет на  содржина и со чести грешки кои родителите ги објавуваа на социјалните мрежи. Во неколку наврати школската година почнуваше и без навремено доставени учебници, а се случуваше и да има недостиг од нив за голем број ученици низ државата.

Овие се проблемите кои новиот предлог-закон за учебници за основно и средно образование треба да ги адресира и да го замени актуелниот закон од 2008 година. Предлог-законот е поставен на владиниот ЕНЕР систем и е отворен за сугестии и придонес од јавноста, информира МОН.

Министерката за образование Весна Јаневска, вели со новиот закон се отвара можност за издавачките куќи да учествуваат во изборот со веќе подготвени учебници. Доколку ги поминат филтрите на МОН, на нив ќе биде префрлена и обврската со печатењето и доставувањето до училиштата.

Министерката информира дека учебниците кои се изготвуваат според актелниот закон, ќе бидат завршени според старите одредби, но се разгледува можноста повеќето од постапките да се префрлат на издавачките куќи за да не дојде до ситуација на први септември да нема учебници. 

Прашана за искинатите и исчкртани учебници во училиштата од тетовскиот регион како и недостигот од 20 000 учебници за нив, Јаневска вели дека тоа е вина на директорите на училиштата, кои за да ги заштитат родителите од плаќање казни на крајот на учебната година не ги пријавиле оштетените учебници во МОН и не ги известиле дека недостасуваат учебници. 

Јаневска, на денешната завршна конференција на ИПА проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“ најави зголемен буџет за образование од 40 милијарди денари или околу 650 милиони евра.