Јаневска: Нови реформи во високото образование
Светски ден на учителите - динамична професија која бара многу посветеност. Дали општеството доволно ги вреднува оние кои го градат неговиот темел?
Работничките права во секторот образование се на многу ниско ниво, просветните работници не се доволно платени, немаат квалитетни услови за работа. Истовремено секторот се соочува со висок степен на партизација и влијание на политичките партии, оценува Независниот синдикат за образование и наука....
Томислав Гиевски – Независен синдикат за образование и наука
„Пред се за да се подобри образовниот процес, квалитетот на образованието и на работничките права во образованието, треба да се почитуваат колективните договори. Просветните работници се соочуваат со непочитување на колективните договори кои што предизвикуваат создавање на плата пониска од републичкиот просек во државава и е редок пример каде просветни работници се платени со плата пониска од републичкиот просек. На ова би додал дека имаме и сериозен проблем со трансформација на договорите, а сето тоа е реузлат на партизацијата во општините каде што по промена на општинската власт може да се случи и промена на просветните работници и тоа е наталожено 35 години што создава неквалитетни услови за да може да се развива нормално воспитно-образовниот процес“.
На светскиот ден на учителите, Министерството за образование започна национална кампања насочена кон подигање на јавната свест за незаменливата улога на учителите во општеството.
Министерката за образование Весна Јаневска најавува како што вели - враќање на дигнитетот на професијата...Тврди дека Владата веќе презема мерки за подобрување на состојбите.
Весна Јаневска – Министерка за образование и наука
„Владата презема бројни активности почнувајќи од социјалниот статус со покачување на нивните плати и давање на сигурност дека во следните четири години тие не треба да се грижат за својата плата, учебници кои им беа потребни и кои тие ги бараа, изградба на инфраструктурата односно овозможување на подобри услови за работа“.
На првиот ден од кампањата, министерството и Сојузот на просветните работници ги доделија и признанијата „Просветен работник на годината“.
Светскиот ден на учителот, 5 Октомври, кој е прогласен од УНЕСКО во 1994 година, беше повод за бројни пораки за значењето на наставничката професија. Меѓу нив се издвојува и пораката од пензионираната професорка од Куманово, Елизабета Секирарска, која ги нарече учителите - тивки херои што ја градат иднината.

