Јанчев бара од државните институции да проверат дали „Еуроникел“ гори опасен мазут

Ги труе ли Еуроникел кавадарчани? Ова прашање го отвори денеска градоначалникот Митко Јанчев, откако пред два дена, Истражувачката репортерска лабораторија го објави филмот „Заговор против воздухот“, во кој открива дека опасно масло, во Европската унија забрането за користење, завршува во печките на поранешно Фени.

Јанчев бара државните институции веднаш да ги испитаат наводите од ова истражување и доколку утврдат прекршување на законите, да изречат санкции против прекршителот.

Во филмот на Истражувачката репортерска лабораторија се тврди дека опасниот мазут доаѓа од Чешка, но декларирано како опасно масло со последици по животот и здравјето, кое може да се користи само во бродови на отворени води и големи индустриски капацитети и никако во урбани средини. Но, откако ова масло преку Босна и Херцеговина, ќе влезе во Македонија, на царината се запишува како масло за горење, тврдат од ИРЛ. Според нив, најголем потрошувач на ова гориво во земјава е кавадаречки Еуроникел со околу 2500 тони месечно.

Од Еуроникел демантираат дека нивниот мазут го загадува воздухот. Велат дека иако немаат законска обврска да го контролираат квалитетот на репроматеријалите, вклучително и мазутот, тие тоа редовно го прават во нивни интерни лаборатории.

„Во фабриката се врши 24 часовно мерење на емисиите во воздухот и квалитетот на истиот. Дополнителен мониторинг вршат и акредитирани лаборатории и сите овие податоци постојано се поднесуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Во изминатите три години, мерењата покажуваат дека квалитетот на воздухот е одличен. Сите овие податоци се јавно достапни.“

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев најави дека доколку институциите не го истражат случајот, тој ќе го свика Советот на општината кој ќе одлучи што понатаму.